Лидерот во Првата лига Струга го совлада Охрид со 31-26 (17-11) и го продолжи победничкиот чекор кон Суперлигата. Натпреварот се одигра пред илјада гледачи во преполната спортска сала „Нико Нестор“, која беше претесна да ги прими сите љубители на ракометот од Охрид и Струга.

Гостите беа тие кои добро го започнаа мечот и подобро реагираа на вжешетената атмосфера во спортската сала. Бабачев беше изненадувањето на Андоновски и по десетина минути беше егал 7-7. Но потоа следуваше серија од 8-3 и домаќините за прв пат осетно се одлепија (15-10).


Момент кој сигурно му даде друг тек на мечот беше исклучувањето на голманот на охриѓани Пецаков. По една интервенција надвор од голманскиот простор, скопската двојка Ѓорѓиевски ја исклучи охридската единица. Домаќините притиснаа и до крајот на првиот дел стигнаа до убедлива предност 17-11.


Стартот на вториот дел им припадна на охриѓани кои со головите на Томоски се доближија на минус 4 (19-15). Но наместо приклучок охриѓани направија серија технички грешки, подарок топки кои стружани и тоа како знаеја да ги искористат.


Костески ја решеташе мрежата на Китески кој на дербито немаше свој ден. Струшката “шестка“ мечот го заврши со неверојатни 13 постигна гола. Во 48 минута од мечот стружани ја достигнаа најголемата предност 27-19.  Пожртвуваната  игра до крајот на мечот, охриѓани им дозволи да стигнат до пристоен пораз.


Покрај Костески кој беше прво име на мечот, Белески постигна пет гола, а по три дадоа Угреновиќ и Стојаноски.

Кај охриѓани најпрецизен беше Aндоновски со седум гола, Мирков постигна шест, Бабачев и Томоски по пет.

М.П.