Екипите на Струга и Металург го поделија пленот во меѓусебната пресметката, ремизирајќи 28-28 (13-18), во првиот натпревар од втората рунда во ракометниот плејоф од Супер лигата.
Освоениот бод е прв за двете екипи во плејофот сезонава, откако во првата рунда претрпеа порази на гостински терен.
Металург иако на своето конто запиша бод, сепак, според развивање на настаните се чини дека изгуби два. „Металурзите“ подобрата игра во првиот дел ја капитализираа со пет голови предност. Стружани со стрплива игра во вториот дел успеаја да го стигнат водството на Металург и да освојат заслужен бод.
Богдан Николиќ со седум голови беше најпрецизен во составот на Струга. После него најефикасни беа Вукашин Ракочија со пет односно Петар Маркоски и Пеце Рајатоски со четири голови. Во Металург со осум погодоци голгетер број еден беше Василије Калуѓеровиќ, а еден помалку реализираше Златко Хорват.
В сабота на програмата е средбата помеѓу Еурофарм Пелистер 2 – Пролет. В недела ќе се одиграат две средби. Во 16 часот Еурофарм Пелистер ќе го пречека Бутел Скопје, а точка на втората рунда ќе стават екипите на Охрид – Вардар, со меѓусебната пресметка во СРЦ „Билјанини Извори“. Мечот се игра во 18 часот.
- Двојки:
Петок: Струга – Металург 28-28
Сабота: Еурофарм Пелистер 2 – Пролет (16ч)
Недела: Еурофарм Пелистер – Бутел Скопје (16ч), Охрид – Вардар (18ч)
Табела: Еурофарм Пелистер 3, Бутел Скопје 3, Вардар 3, Пролет 3, Металург 1, Струга 1, Охрид 0, Еурофарм Пелистер 2 0 ,
OhridNews