Трикратниот освојувач на титулата на струшкиот ракометен турнир, Металург го забележа првиот триумф откако во вториот вечерашен натпревар со 33-24 (13-11) го совлада составот на Прилеп.

Прилепчани им парираа едно полувреме на „металурзите“, кои брзо се консолидираа и опоравија од вчерашниот пораз во дербито со Еурофарм Пелистер.

Металург коцките за триумф ги намести во второто полувреме. Првиот дел помина во изедначена игра и водствона двете екипи. Прилеп поведе на почетокот, а Металург со мини серија го презеде водството во финишот.

Прилеп го изгуби здивот во второто полувреме, а составот на Металург ја искористи секоја прилика за лесен погодок и убедливо водство. Разликата растеше и на истекот од 60-та минута беше плус девет (33-24).

Металург и Прилеп со идентичен скор од победа и пораз ќе влезат во финалната трета рунда од турнирот.

OhridNews