Екипата на Охрид на четвртата позиција го заврши второто учество на струшкиот ракометен турнир. Охриѓани во малото финале претрпеа пораз од Металург кој славеше со 31-26 (15-13).

Ракометарите на Охрид со пласманот во топ 4 го повторија успехот остварен во 2017 година кога за прв пат во поновата историја учествуваа на турнирот во Струга.

„Гладијаторите“ во двата правци маестрално го отворија натпреварот. Одбраната беше непробојна, а, нападот ги искористи своите шанси за водство 5-1. Следеше минута одмор за Металург. Избраниците на Зоран Кастратовиќ се консолидираа и ја стабилизираа играта. Таквиот развој на настаните им донесе егал 8-8 после 20 минути игра.

Во завршните десет минути од првото полувреме, Металург продолжи со темпото на игра, додека Охрид подзастана. Скопјани во мини серија стигнаа до два голови на полувремето (15-13).

Избраниците на Раде Стојановиќ повторно заиграа добро на стартот од второто полувреме и стигнаа до минус еден 15-16. Со игра „гол за гол“, Металург ја одржуваше предноста и не дозволи Охрид да се врати во мечот. Избраниците на Зоран Кастровиќ додоа гас, Охрид кој играше без повредениот Иван Тасески, немаше доволен број на играчи во ротација и потеклекна кога се „кршеше“ резултатот.

Металург на крајот забележа победа и се закити со бронзениот медал. Охрид кога се ќе се сумира, се претстави во одлично светло и добро им парираше на Вардар и Металург.

OhridNews