Битолски Еурофарм Пелистер ја освои титулата на турнирот во Струга. Во финалето од 48-то издание на струшкиот ракометен турнир, „фармацевтите“ го совладаа двократниот европски првак Вардар со 26-23, полувреме 13-13.

За Пелистер ова е 13-та титула на турнирот во Струга. Битолчани се израмнија со лутите ривали до Скопје кои до вечерва беа рекордери и осамени на вечната листа.

Финалниот натпревар подобро го отворија „вардарци“ кои предводени од голманот Борко Ристовски стигнаа до предност од три погодоци. Битолчани после истекот на 15-та минута заиграа многу подобро и жарот за победа го претворија во борба за секоја топка. До крајот на полувремето успеаја да израмнат.

Во второто полувреме Пелистер за нијанса започна подобро и го презеде водството. После десеттина минути битолчани се одлепија на 2-3 голови. Вардар смогна сили и при два негатива не реализираше неколку зицери, а, на спротивната страна стигна казна по која „пелистерци“ побегнаа на плус четири. Битолчани не само што го задржаа водството, туку избегнаа драма и неизвесен финиш.

За најдобар играч на турнирот беше прогласен Стипе Мандалиниќ, наградата за најдобар голман му припадна на Градимир Чаневски, а најдобар стрелец финишираше Тимур Дибиров.

Третопласиран на турнирот во Струга заврши Металург кој во малото финале славеше против Охрид.

OhridNews