Спротиставени ставови и бурни реакции меѓу жителите на улицата „ Кузман Капидан“ на денес одржаната јавна расправа околу поднесената иницијатива на дел од жителите за ургентно санирање на дрворедот. Оние жители кои поднеле барање до надлежните служби со објаснување дека дрвата кои се стари од 60 до 70 години претставуваат опасност за нивните куќи, возила, како и за жителите и случајните минувачи.

Дрвата никој не ги одржува и како такви се непосредна опасност. Некои се исушени,  деградирани и енормно високи. До сега повеќе пати сме се обратиле до надлежните, но досега не се најде соодветно решение. Пред извесен период екипи од ЈП „ Охридски  комуналец“ извршија увид и се согласија дека дрвата се проблем и треба да се отстранат.Но,  тие сами не можат да донесат одлуки. Низ нашата улица поминуваат гости и е најнесредената во градот. Никој не е за целосно уништување на дрва, но зборуваме за дрва стари и до 70 години. Не може никој да ми надокнади, ако дрвото падне врз мојот имот. Ако можеше на други улици да се исечат и се  посадат млади дрва, зошто овие стари дрва да ги чуваме, кога дува силен ветар до кровот идаат гранките, вели жител, потписник на иницијативата за сечење на дрворедот. Тој и останатите чии потпис е ставен на барањето сметаат дека треба да се засади нов дрворед, а целиот простор хортикултурно да се уреди и да се постават клупи и канти за отпад.

Останатите жители кои присуствуваа на расправата отворено изјавуваат дека се против сечење на дрвата и дека се за формирање на стручна екипа која ќе процени кои од дрвата се опасни и  суви и треба да се исечат, а кои се здрави и треба да останат.

Да се пресече цел дрворед заради едно или две дрва е жалосно. Зошто тогаш владата донесе одлука да се садат дрва, ако се сечат здрави дрва. Ако треба нека се скратат, разретчат. Но без стручно мислење и проценка да не се преземаат активности. Експерти нека кажат кое дрво не е во ред. Греота е да се сечат 60 дрва, велат жители од „ Кузман Капидан“.

Со ваквиот став се согласуваат и од еколошкото друштво „ Грашница“.

Наш предлог е стручна комисија да утврди кои од дрвата се опасни и нека се средат , ама да се сечи дрво  затоа што е старо е апсурд,сите бараат стари дрва и работи ние ги уништуваме, велат од „ Грашница“.

Трајче Љаткоски, шумарски инженер во ЈП „ Охридски комуналец“ објаснува дека треба состојбата да се разгледа од два аспекта.

Прво е да се увиди здравствената состојба на дрвото и дали местото му е тука, дали пречи во урбаната средина. Наш став и за оваа улица и за другите е целосно обновување на дрворедите и постоечкото зеленило. Прво најоштетените дрва да се сечат,има и некои кои не се многу оштетени но се опасни за околните објекти и можат да паднат, вели Љаткоски .

Од локалната самоуправа на денешната расправа беше потенцирано дека ставот не е да се сечат здрави дрва. Како што потенцираа затоа и се организира јавната расправа со цел да се чуе мислењето на граѓаните. Расправата заврши со заклучок дека ќе се формира стручна комисија која ќе изврши проценка на состојбата во која се наоѓаат дрвата по што ќе следи преземање на соодветни активности, по завршување на туристичката сезона.

T.K.