Строго селектирани лица кои се обучени и со соодветна опрема ќе бидат вклучени како волонтери доколку се јави потреба за гаснење на шумски пожари во иднина. Вклучувањето на волонтери во вакви ситуации е многу значајно, но треба да се биде внимателен за тоа кој може да пристапи во огнот. Значајно е носењето на Националната стратегија која во моментов се работи, но и истата да биде применлива во пракса. Потребна е и поголема координација на службите и активности за превенција односно заштита на шумите.

Ова беше потенцирано на денешната обука посветена на превенирање и справување со шумските пожари која се одржа во рамки на проектот „Заштита на пештерските еко системи и загрозените растителни и животински видови во НП Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ поддржан од Фондот за природа Преспа-Охрид, а го спроведува Црвен крст Охрид во партнерство со Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје и во соработка со Јавната установа Национален парк Галичица.

Овие обуки се многу значајни бидејќи се обучуваат и волонтери кои немаат допир со противпожарната заштита, основни обуки, а таквите волонтери се од огромно значење за нас како Територијална противпожарна единица (ТППЕ) како дополнителна помош особено во летниот период кога имаме зголемен обем на пожари, истакна командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски.

Наидовме на голем проблем летниот период, тоа го дискутиравме и денес, а тоа е медиумскиот притисок кој се изврши за помош за Галичица, собирање на доброволци пред ТППЕ Охрид, пред куќарката на Алпинистичката служба во НП Галичица. Во ред е да има волонтери кои сакаат да помогнат, но без соодветна обука и соодветна лична заштитна опрема, доколку би се случил недајбоже некој немил настан одговорноста како командир ја преземам јас. И во иднина ова нема да го практикуваме. Имаме соработка со СВР Охрид строго селектирани лица ќе бидат вклучени во недајбоже големи пожари какви што имавме минатата година. За изминатите летни пожари не само на Галичица, туку и на околните места, доброволните противпожарни друштва се покажаа како една клучна алка во справувањето со вакви големи шумски пожари, односно катастрофални пожари од големи размери, меѓутоа оние обучени доброволни пожарникари, како што ги имаме во доброволното друштво „Ентузијаст“ Дебарца со своите 20 пожарникари, посочи Јанкулоски.

Додаде дека како најголем проблем за кој се сложиле и останатите присутни на обуката била потенцирана координацијата, особено надлежностите на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

Можеби би било добро тие две институции да бидат како едно тело. Добивавме ние команди, пренесувавме информации на двете институции што беше отежнително за делувањето особено на воздухопловите во текот на гаснењето, вели Јанкулоски.

Раководителот за противпожарна заштита во Националниот парк „Галичица“, Ѓуро Јовчески, истакна дека со денешната обука значително може да се делува во подобрување на превенцијата и обучување на луѓе кои ќе бидат корисни во областа на гаснење на шумски пожари.

Преку обуките се овозможи стекнување на нови вештини на новите членови. Присутни сме ние од НП Галичица, предавачите комадирот од ТППЕ Охрид и пензионираниот заменик командир Тасески, како и членови на двете доброволни друштва „Ентузијаст“ од Дебрца и Здружението на љубители и поддржувачи на НП Галичица, околку 20 членови, месно население, како незаобиколен сегмент кои се вклучени во превенцијата и рано откривање на пожари, како и други активности од областа на волонерската заштита која би била заснована на пријавување на рано откривање на пожари, пријавување на некои сторители кои вршат негативни дејанија врз природата…

Вакви обуки, посочува, би биле многу корисни за понатаму, за окрупнување на волонтеризмот кој е многу значаен сегмент во многу други европски држави.

Нашата држава треба да го види тој терк и да ги имплементира тие доброволни друштва кои многу значат, а ќе бидат секако обучени, бидејќи треба да се има внимателен пристап на тоа кој може да пристапи во огнот, не секој може да појде без опрема или без адекватна обука, може да донесе логистика, но во однос на активирање во самиот чин на гаснење на огнот мора да се вклучените многу добро опремени и обучени лица. Тоа е многу значајна мерка, вели Јовчески.

Истакнува дека најзначајно е усвојувањето на Националната стратегија на која работи сега ресорното Министерство за земјоделие и експерти и која ќе треба да се примени во пракса, а не да остане само на хартија.

Внатре се влезени сите превенции и насоки кои се добро обработени од собирање на искуства на терен од пожарите изминативе годиниве, меѓутоа таа Стратегија како и во многу држави треба да се имплементира. Би посочил на недомаќинското лошо управување на претпријатијата кои стопанисуваат со шумите, девастирани и уништени изминативе години. Тоа бара длабока реформа и имплементирање на сите тие состојби за да дојдеме до подобра превенција која за жал ја немаме. Џабе ни се и стотици воздухоплови ако не се чуваат шумите со превенција, патролирање, чистење патишта… Уште сега треба да се почне со тие активности. Потоа во летниот период ќе ни биде џабе сета супресија и пресија ако претходно не се преземат овие дејности и мерки кои се многу значајни, потенцира Јовчески.

Катерина Наумоска, координатор на проектот во рамки на кој беше одржана обуки посочува дека денешната е прва од од две обуки кои се планирани на тема шумски пожари, укажувајќи и дека ќе биде набавена и опрема и развиен план за справување со пожарите.

Втората обука ќе биде посветена на пружање прва помош и спасување во планина во случај на шумски пожари. Проектот има едукативна, научна и компонента за јакнење на локалните капацитети за справување со пожарите како негативен ефект за спарвување со климатските промени. Покрај овие две обуки во рамки на третата компонента се набавува и опрема, возило за пружање логистичка поддршка при шумски пожари и индивидуална противпожарна опрема. Исто така, во рамки на оваа компонента ќе се развие и план за дејствување на локалните чинители во случај на шумски пожар и тој план ќе се тестира на вежба, додава Наумоска.

Инаку, во Р. Македонија во летниот период јули-август биле регистрирани 3000 пожари на отворен простор, од кои како што посочија претставниците на службите 99% биле подметнати. Затоа, велат, треба да се промени драстично Законот, да има санкции и откривање на сторителите инаку овој проблем ќе биде многу многу голем за една слабо опремена држава како нашата.

Н.С.Ј.