Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска информираа за Предлог-Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Владата на Република Македонија на вчерашната седница го разгледа и усвои Предлог-Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и истиот ќе биде доставен на јавна расправа во која учество ќе можат да земат невладините организации, експертите, институциите.
„Во однос на видовите на семејно насилство, ќе се прошири опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување. Во новиот предлог закон децидно се определени институциите и нивните надлежности и одговорности за постапување.Утврдена е одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или центар за социјална работа, за секој оној кој има вакви сознанија и тоа за граѓаните, но и за службените и одговорните лица во сите правни субјекти.Со цел да се спроведуваат сеопфатни интегрирани политики Владата на Република Македонија ќе донесува Национална стратегија за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, за период од пет години. Владата исто така ќе формира Национално координативно тело за семејно насилство со мандат од пет години, во кое ќе бидат опфатени претставници од сите надлежни институции како и претставници од здруженија кои се регистрирани за работа со семејно насилство, а со кое ќе раководи министерот за труд и социјална политика“, рече Спасов.
Новата законска регулатива за спречување на семејно насилство, особено се посветува и на превенцијата. Предлог-законот дефинира дека Центрите за социјална работа ги преземаат следниве мерки за заштита на жртвите: сместување во Центар за лица-жртви;соодветна здравствена заштита;соодветна психо-социјална интервенција и третман;психо-социјален третман во советувалиште;помош на семејството за редовно школување на дете;правна помош и застапување и економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот. Мерките на заштита да ги преземаат посебно едуцирани стручни лица. Мерките на заштита од семејно насилство ги спроведува центарот за социјална работа, при што се утврдени итни рокови за постапување (во рок од 24 часа да поведе постапка).
Предвидена е соработка помеѓу Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување на Република Македонија-надлежниот центар за вработување, заради преземање на мерки за економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот и активните мерки и политики за вработување.
„ Во делот на судските постапки, како новина е предвидено кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството, судот во рок од 24 часа ќе изрече привремена мерка за заштита, врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и ќе изрече привремена мерка за заштита, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во период од најмалку 14 дена“, истакна Спасов.
Подобрена е регулативата во однос на подигнувањето на нивото на задолжително почитување на изречените судски мерки за заштита од страна на извршителот на семејното насилство. Во оваа насока, предвидена е парична казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за непочитување на одлуката. Новото законско решение предвидува Во случај кога детето е жртва на насилство во семејството, Центарот за социјална работа, по службена должност презема мерки на заштита од семејно насилство, како и мерки на надзор над вршењето на родителското право.
“Како новина е предвидено дека судот може да изрече привремена мерка за заштита во отсуство на сторителот на семејно насилство само врз основа на стручен наод и мислење на центарот за социјална работа, како и врз основа на полицискиот извештај и предлогот за отстранување од домот и забрана за приближување до домот во период од најмалку 14 дена. Ова решение ги регулира случаите со цел да се обезбеди заштита секогаш кога постои основано сомнение за сериозна опасност по животот и здравјето на жртвата или на член од семејството”, рече Јанкулоска.
OhridNews