Охридските љубители на стрип уметноста вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ имаа можност да бидат дел од промоцијата на стрип албумот „Мрак Хумор Тишина“.

Ова дело е заеднички проект на сценаристот Јордан Коцевски од Охрид и уметникот Дарко Богданов од Виница.

-Станува збор за своевидна антологија во која на 68 страници се вклучени кратките стрипови, кои се создавани во рамки на нашата петгодишна соработка. Како што кажува и самиот наслов на албумот, стриповите може да се поделат во три тематски циклуси, велат авторите.

Покрај нив, свој удел во стрип албумот имаат и цртачите Андреј Манев, Весна Ничевска Саравинова и Игор Јовчевски, колористот Стефан Коцевски и сценаристот Александар Стеванов.

Во рамки на промоцијата беа изложени и дел од оригиналните стрип табли од албумот, како и дополнителни илустрации.

OhridNews