На стрелиштето во гимназијата „Раде Јовчески Корчагин“ изминатиов викенд се одржа првиот Куп во гаѓање со воздушно оружје – меѓународна програма на кој охридскиот клуб настапи со шест стрелци.

Прво место со нов државен рекорд во јуниорска категорија обезбеди Анастасија Мојсовска со резултат од извонредни 616,0 кругови. Во сениорска категорија таа заостана зад првопласираната за 4,6 кругови. Ваквата спортска форма на Мојсовка која во изминатиов период има нагорна линија, беше мотив за Селекторот на македонската стрелачка репрезентација да ја пријави охридската стрелачка за претстојното Европско првенство што треба да се одржи од 16-25.03.2019 год. во Осијек, Хрватска. Воедно ова е прв наш стрелец да земе учество на едно вакво првенство после долг период од 6 години.

На втората позиција во јуниорска категорија се пласира Јована Милевска со резултат од 606,4 кругови односно четврта позиција во сениорска категорија. За жал, Јована и покрај солидните резултати кои ги бележи во изминатиов период  не се најде на листата на Селекторот за Европското првенство. Оваа година Јана Маркоска и Мартина Петровска ја стартуваат сезоната во конкуренција сениорки, па во друштво во далеку поискусните тие се најдоа на шестата односно на десеттата позицијз во севкупен пласман-жени. Во сениорска категорија пак, Маркоска е четвртопласирана со резултат од 604.,2 што воедно претставува и нејзин нов личен рекорд. Петровска по настанатиот проблем со пушката на самиот почеток на натпреварот, не успеа да ја достигне разликата со останатите,  па заврши како петтопласирана во сениорска категорија, со резултат од 584.5 кругови.

Свој прв официјален настап во јуниорска категори во меѓународна програма имаа и Кристијан Џепароски кој се пласира на четвртата позиција во јуниори со постигнат резултат од 556,6 кругови и Марија Ванѓеловска со резултат од 538,5 кругови.

OhridNews