Познатиот македонски композитор, продуцент и пијанист, Дуке Бојаџиев синоќа на Античкиот театар имаше блескав настап со неговиот интернационален музички состав. На сцената со него беа уште кларинетистот Исмаил Лумановски, вокалот Тања Царовска, перкусионистот Костас Анастасијадис, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг-квартетот на Владимир Крстев. Концертот го отвори младата охриѓанка Мартина Блажевска, која студира на Беркли Универзитетот во САД.
Новиот музички проект на Бојаџиев „Сон, верба, љубов“ создаде посебен флуид меѓу сцената и публиката која го поздрави со громогласни аплаузи. Речиси два часа публиката уживаше во музиката создадена за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, како и композиции содржани во неговиот последен албум „Љубовта е патот“. Публиката имаше можност да ги слушне и изворните македонски песни: „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Си заљубив едно моме“, „Не плачи мило либе, не жали“….
„ Многу се радувам што настапувам повторно пред охридската и пошироката публика после 4 години тука на Античкиот театар. Ќе оставам музиката да ви говори погласно од зборовите.“ – порача Бојаџиев.
Вокалот Тања Царовска не ја криеше возбудата од позитивните реакции по концертот и го истакна задоволството од соработката со Бојаџиев.
„Музиката на Дуке ме инспирира и најважно од се, ми остава простор да се изразам слободно и комплетно. Вистински уживав во настапот вечерва .“ – рече Цароска.
Страста на Дуке кон музиката, хармонијата на инструментите, енергичноста на целиот состав и завидните вокални способности на Тања Цароска оставија силен впечаток кај љубителите на филмската музика.
Последната нумера „Танго до Балчак “ ги остави присутните без здив. Тие побараа реприза на концертот кој долго ќе се памети.
Ивана Чичоска
Фото: Горан Момироски