Во текот на силното невреме, проследено со обилен дожд, електрични празнења и ветер, што вчера од 18 до 19 часот го зафати поширокиот тетовски регион, четири лица го загубиле својот живот: Хашим Ф.(83) од Шипковица, А.М.(14) од Шипковица, две деца, едното на возраст од седум години од Тетово и другото дете на возраст од една и пол година од с. Шипковица. Уште две лица, од кои едно дете, се водат за исчезнати и по нив се трага.
Безживотните тела на Х.Ф, А.М. и детето на возраст од една и пол година пронајдени се во Шипковица, додека безживотното тело на седумгодишното дете пронајдено е во Голема Речица.Покрај ова и уште едно девојче на возраст од околу 6 години од с. Шипковица како и Р.Ј.(61) од с.Лисец засега се водат како изчезнати. Во вчерашното невреме, исто така со тешки и телесни повреди се задобиле дваесетина лица, најмногу од селата Шипковица, Селце, Џепчиште и Мала Речица. Дел од нив задржани се во тетовската клиничка болница за натамошна опсервација, а дел се пуштени на домашно лекување. Општина Тетово денешниот и утрешниот ден ги прогласи за Денови на жалост.
Глетката во тетовско ден по невремето, во кое се излеаја повеќе реки во подножјето на Шар Планина, а предизвика е и значителни материјални штети, е страотна. Оштетени се повеќе објекти и автомобили, улиците се преполни со кал, камења и откорнати дрвја. Граѓаните и надлежните институции започнаа со санирање на штетите, а поради високите температури жителите стравуваат од појава на заразни болести.
Поплавените подрачја во тетовско синоќа ги посети Премиерот Никола Груевски, кој изразизи жалење за трагедијата, посочувајќи дека максимално се ангажирани сите инстутуции и на централно и на локално ниво за да им се помогне на луѓето во погодените места.
За попладне е закажана и владина седница по повод предизвиканите поплави од обилните врнежи на која ќе се разгледаат состојбите и ќе се утврдуваат натамошните активности, пред се помошта за населението и субјектите.
Радио Слободна Езропа јави дека Локалните власти одржале итна вонредна седница посветена на елементарната непогода, на која бил формиран Кризен штаб во кој се вклучени претставници на локалната самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување, АРМ и полицијата, како и претставници на месните заедници од регионите погодени од поплавите. Локалните власти предлагаат и да се даде парична помош за семејствата на настраданите и за погодените од поплавите. Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, пак, на својот фејсбук профил ги повика сите оние што сакаат да помогнат да остават храна, вода и хигиенски пакети на пунктот кој е лоциран пред зградата на Општината.
Во тетовско големи се и оштетувањата на електричната инсталација која ја санираат екипи на ЕВН.
„Корисниците во тетовското градско подрачје и од останатите пристапни места во регионот повторно имаат напојување со електрична енергија, благодарејќи на напорите на теренските екипи на ЕВН Македонија од Тетово кои за справување со последиците од невремето добија засилување од колегите од околните градови. Поради невремето, голем број електрични столбовите беа пандати, а електричните кабли искинати. Без електрична енергија останаа селата: Шипковица, Вејце, Бродец, Бозовце, Вешала, Нераште.“ – информираат од ЕВН.
Во регионот околу с.Шипковица и с.Нараште, во завршна фаза е инспекцијата на целиот среднонапонски вод преку кој се снабдува овој регион и санацијата на паднатите електрични столбови. Се очекува во во текот на денот да се врати напојувањето со електрична енергија и во овие населени места.
Засилените екипи на ЕВН Македонија и понатаму остануваат на терен во Тетово, вложувајќи големи напори и покрај тешко пристапните терени успешно да ја завршат санацијата на преостанатите дефекти, велат од компанијата.
OhridNews
фото: „Макфакс“/РСЕ/Влада на РМ