Туристи од Холандија, Белгија, Турција, Полска, Данска, Израел, Бугарија, Србија и од земјите на Блискиот Исток ќе одмараат на Охридската ривиера во текот на есенските месеци. Според информациите кои ги добивме од охридските туристички работници, оваа есен хотелите на крајбрежјето ќе бидат домаќини и на низа конгреси и семинари кои ќе донесат бројни гости.
Хотелиерите кои работат со холандските туроператори велат дека гостите од земјите на Бенелукс кои во текот на летото беа едни од најбројните туристи на охридската ривиера, ќе доаѓаат во Охрид до средината на месец октомври.
-Според планираното, чартерите од земјите на Бенелукс продолжуваат во континуитет до 13-ти октомври. Последната група од Холандија преку „Корендон“ заминува на 13-ти октомври, а последната група од туроператорот „ТУИ“ треба да замине на 8-ми октомври. Во текот на есенските месеци до средината на ноември голем број странски гости ќе престојуваат во нашиот хотел и во рамки на Балканските кружни тури од западноевропските земји и кружните тури на туристи од земјите на Блискиот Исток, велат одговорните за резервации во хотел „Метропол“.
Од хотел „Тино“ во Свети Стефан, кој е еден од новите хотелски капацитети на охридското крајбрежје не информираа дека очекуваат успешна туристичка есен.
-До крајот на месец септември капацитетите за сместување ни се целосно исполнети. Имаме резервации на групи туристи од Турција и Холандија, а за месец октомври имаме најави за групи на туристи од Израел и од други странски земји. Бидејќи располагаме со затворен базен и нудиме други пропратни услуги, сметаме дека ќе бидеме атрактивни и во текот на есенскиот период, велат од хотел „Тино“ во Свети Стефан.
Од останатите охридски хотели коментираат дека од година во година интензивно заживува пост-сезоната и се зголемува бројот на туристи кои одмараат во Охрид во текот на есенските месеци.
-За разлика од претходните години имаме поголем број на резервации за есенските месеци. Во текот на наредниот период очекуваме гости од Турција, Полска, Бугарија и од останатите соседни земји, велат од хотел „Чинго“.
Освен во хотелите во текот на есента голем број гости се очекуваат и во приватното сместување.
-Веќе имаме индивидуални резервации од страна на српски и бугарски туристи, но очекуваме и домашни туристи за време на викендите, особено за време на продолжениот викенд за 11-ти Октомври. Во есенските месеци претежно имаме гости од повозрасната категорија односно пензионери, вели сопственик на неколку туристички станови во Охрид.
Тој објаснува дека не можат да понудат пониски цени за издавање на апартманите бидејќи трошоците за одржување се поголеми во есенските месеци бидејќи често пати е потребно и затоплување на апартманите, што се пресметува како дополнителен трошок.
Е.М