Министерот за здравство Бујар Османи, потпиша договор со фирмите „Ингра“ и „Конструктор Инженеринг“ од Хрватска, како и со фирмата „ДБС“ од Благоевград за реконструкција на три објекти, како и со домашните компании „Вардар Градба“ од Скопје и велешката фирма „Делта пром“.
„Се работи за отворена постапка во која, право на конкурирање имаат и домашни и меѓународни компании, така да во зависност од тоа кој ги исполнува условите и кој колку понудил се прифаќа најевтината цена. Имаше голем број на фирми, што се јавија на тендерот. Тие што ги исполнија условите беа рангирани по однос на цена“ – рече Османи на одржаната прес конференција.
Во прва фаза за реконструкција, освен Општата болница во Охрид, опфатени се и општите болници во Прилеп, Велес, Струмица, Куманово, Крива Паланка, Гостивар и Кочани, Здравствен дом Прилеп, Специјална болница за гинекологија и акушерство Чаир, Специјална болница Јасеново – Велес, клиничка болница Тетово, психијатриска болница Бардовци, и психијатриска болница Негорци.
Според договорот, градежните работи треба завршат најдоцна за 16 месеци и доколку не се испочитува дадениот рок, предвидени се одредени пенали.
извор: Makfaks