Експертите за бродски несреќи од Хрватска и Бугарија кои беа дел од Комисијата за утврдување на причините за потонувањето на бродот „Илинден“, денеска си заминуваа од Охрид. Причина за ова, како што дознаваме, е тоа што бродот „Илинден“ нема да се вади од езерското дно најмалку уште една недела. За да се скратат трошоците за престој на странските експерти тие си заминуваат од Македонија, а ќе се вратат штом ќе биде донесена одлука за вадење на „Илинден“ на копно.


Како што веќе информиравме, досега до Комисијата која ја истражува несреќата кај Елешец пристигнале три понуди од специјализирани фирми за вадење потонати бродови од Хрватска, Србија и од Швајцарија, а не се исклучува можноста да се пријави уште некоја компанија.

Според процедурата одлуката кој ќе го вади бродот „Илинден“ од езерските води ќе ја донесе истражниот судија на препорака на Комисијата за истражување на причините за несреќата.

Бродот „Илинден“ на 5-ти септември потона во Охридското Езеро во близина на авто кампот Елешец при што се удавија петнаесет бугарски туристи.

Ohridnews