Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави, Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија, Мариан Берец, Вршител на должноста Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, Румен Радев.
На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо го цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ. Македонскиот претседател изрази благодарност до соговорниците за нивната посветеност кон надминување на предизвиците поврзани со актуелната политичка состојба во земјата, како и за поддршката која Република Македонија ја добива во насока на реализација на надворешно-политичките стратешки приоритети.
Претседателот Иванов потенцира дека евроатлантската интеграција на Република Македонија, не само што претставува највисока стратешка цел за земјата, туку истата има огромна кохезивна и трансформирачка моќ во македонското општество. Дијалогот останува единствениот начин преку кој се надминуваат сите предизвици и сите општествени фактори имаат одговорност за интересите на граѓаните и на државата, посочи претседателот Иванов.