Универзитетот по информатички технологии привремено ќе биде сместен во Домот на АРМ во Охрид, најави денеска премиерот на Владата на РМ, Никола Груевски.

„Мнозинството од професорите ќе ги повикаме од САД и државава тоа ќе го плати, затоа што сакаме да имаме најелитни професори и програми, а изучувањето ќе биде на ангиски јазик“ изјави во Охрид премиерот Груевски.


Како што најави тој, се очекува од октомври да започне запишувањето студенти. Заради условите за работа, на почетокот, ќе се запишуваат помал број студенти, но секоја година нивниот број ќе расте. Планирани се постдипломски студии и докторати.


Владата донесе одлука, министерството за одбрана да го отстапи Домот на АРМ на министерството за култура во времетраење од 5 години, но како што рече премиерот Груевски, можно е проектот да биде завршен и порано.

Како трајно просторно решение за универзитетскиот кампус, странските експерти и советници на Владата го посочиле влезот на Охрид, не многу далеку од градот, со добар поглед и без бучава.


На универзитетот во Охрид ќе се отворат пет факултети.

„Се надеваме дека освен студенти од Македонија, ќе имаме и студенти од регионот“, подвлече премиерот Никола Груевски кој доцна попладнево ги посети просториите на Домот на АРМ.

А.Р.