Новинари од Словенија, Србија, Турција, Русија, како и тур оператори од Израел, Австрија, Унгарија, Украина, Србија, Бугарија деновиве се во посета на Охрид со цел да се запознаат со природните убавини и културно- историските споменици и целокупната туристичка понуда на градот и околината. Нивната посета е во рамки на втората промотивна тура што е во организација на Секторот за туризам и локален економски развој.
– Организирањето на ваквата тура е дел од стратегијата за туристичка промоција на градот со цел да се даде можност за директно склучување на пакет аранжмани со наши туристички агенции и наши туристички работници и секако оваа промо тура овозможува на директен начин новинарите кои се присутни да имаат увид во сето она што Охрид го нуди како природно и културно наследство, за потоа да можат тоа да го прикажат во своите репортажи. Во текот на нивниот тридневен престој гостите ќе имаат можност да преговаараат и за можноста од воведување на нови авио линии кон Турција. Ова е можност за нов вид комуникација и дружење на туристичките работници и новинари, да се запознаат со сето она што значи традиција и дух на Охрид, да се стекнат со убави впечатоци кои ќе ги понесат со себе што ќе резултира и со поголем број туристи, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Гостите со позитивни впечатоци за градот.
– Имате прекрасно езеро се надевам дека деновиве ќе имаме можност да ги видиме убавините на Охрид и дека во иднина ќе продолжи нашата соработка, изјави Илкнур Ешсис од Истанбул,претставник на групацијата Груп Медиа, во чии рамки функционира една телевизија и се издаваат десеттина списанија, од кои едно за потребите на нискобуџетна авио компанија.
– Сметам дека Охрид има многу што да им понуди на гостите од целиот свет и дека нашите граѓани ќе сакаат да го посетат вашиот град. Сигурна сум дека кога ќе се вратам назад претставниците од туристичкиот сектор ќе сакаат да донесат што повеќе гости тука . Еднаш кога ќе дознаат за Македонија и нејзината природа ќе бидат пресреќни да дојдат тука и уживаат, вели Жанин Љитмановиц, тур оператор од Израел.
Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов, потенцира дека во рамки на промотивната тура голем акцент се става и на руралниот туризам.
– Покрај значајните споменици и природни убавини, гостите ќе ги посетат и руралните средини. Како локална самоуправа се трудиме што поголем акцент да ставиме на руралниот туризам и сите форми и содржини кои влегуваат во склоп на овој вид туризам. Гостите ќе ги посетат и хотелите во градот за да имаат можност да остварат директен контакт со менаџментот и склучат евентуално договори за туристички аранжмани. Имаме најави дека во најмалку десет специјализирани туристички списанија ќе бидат објавени репортажи за Охрид, а ќе се емитуваат и емисии на телевизии во Турција, информира Апостолов.
Од локалната самоуправа изразуваат задоволство од постигнатиот ефект од првата промотивна тура што се реализира во август минатата година кога во Охрид престојуваа 40-тина претставници од туроператори, туристички агенции и медиуми од Турција, Албанија, Србија, Бугарија, Русија и Косово.
Како резултат на нивниот престој, во неколку земји биле емитувани репортажни емисии пред стотици милиони гледачи, објавени се репортажи во специјализирани списанија за туризам, а склучени се и договори за подготовка и имплементација на пакет аранжамани со неколку охридски хотели.
Т.К.