Владата ќе ангажира странски консултанти  кои ќе направат анализа на состојбите во „Емо“ со цел да се  утврди реалната вредност на компанијата и да се најде стратешки инвеститор, со што охридската фабрика ќе се спаси од стечај.

Синдикатот на металците, енергетичарите и на рударите стравува дека опасноста „Емо“ да оди  во стечај е многу голема, особено отако стапија во сила новините од Законот за платен промет и по најавите за либерализација на пазарот на струја.

Досега имаше четири неуспешни обиди за продажба на „ЕМО“ во пакет со  „Охис“. На трите меѓународни јавни огласи не се јави ниту еден сериозен купувач, а обидот за продажба на државните акции на берза неодамна беше прекинат поради шпекулативни трансакции, кои предизвикаа пораст на цената на акциите. На последниот оглас најголемата хемиска фабрика во државава се нудеше за 8,6 милиони евра, а „Емо“ за 4,2 милиони евра. Вицепремиерот Зоран Ставрески неодамна најави дека компаниите ќе се продаваат на меѓународен конкурс, на кој за сериозни купувачи нема да се сметаат тие што се заинтересирани само за имотот за подоцна да го препродадат за поголема цена, пишува денешен „Дневник“.

Долговите на „Охис“ и „ЕМО“ се проценуваат на над 20 милиони евра. Вработените во некогашните стопански гиганти со месеци немаат земено плата, а придонесите не им се плаќаат многу подолго.

ohridnews