Со голем број свечености и културни манифестации во Охрид денеска се одбележува патрониот празник, Свети Климент Охридски – Заштитникот на градот и на Македонската православна црква. За прв пат оваа година овој ден се одбележува и како државен празник.


Заштитникот на Охрид – Свети Климент Охридски

По тој повод пред споменикот на Свети Климент Охридски на истоимениот плоштад во Охрид цвеќе положија делегација на Општина Охрид предводена од градоначалникот Петрески и претседавачот на Советот Чингоски, владина делегација во која беа министрите за финансии Трајко Славески, за култура Арифхикмет Џемаили и за информатичко општество Иво Ивановски.


делегации на градот и владата положија цвеќе пред споменикот на светителот

Пред споменикот на светителот  се поклонија и делегации од Ниш, Нови Сад-Србија, Будва-Црна Гора, Пешковское-Руска Федерација, Велико Трново-Бугарија, градови збратимени со Охрид. Цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски положија претставници на дипломатскиот кор, на граѓански здруженија и асоцијации и други.

По повод празникот утрово во Свети Климентовиот храм на Плаошник, Свети Пантелејмон, се одржа света архиерејска литургија на која присуствуваа голем број верници.

Во рамки на свеченостите во повеќе градски и приградски населби денеска беше одбележано завршувањето на неколку инфраструктурни проекти.

Во селото Подмоље, беше пуштен во употреба новоизградениот пат и пешачката патека. На Булеварот „Туристичка“ кај локалитетот познат како „сино- бели згради“ беа предадени во употреба спортско и детско  игралиште. Исти такви игралишта свешено беа пуштени во употреба и кај месноста „Стобекс“ во населбата Видобишта.

Чествувањето на Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид годинава се одбележува со низа манифестации и пригодни свечености. Централното одбележување на празникот ќе биде во хотелот „Метропол“ каде ќе со почеток во 20 часот ќе се одржи свечена Академија. На Академијата ќе се обрати Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески и ќе бидат доделени  Свети Климентовите награди.

Г. Момироски