Англичанецот Алан Роу, привлечен од природните убавини на Охрид, пред десет години купил место со карабина во охридската населба Исток каде заедно со уште еден вљубеник во градот, Данчо Аврамоски, изградиле нова куќа од приземје и еден кат. Како што нагласуваат, при изградбата не отстапиле ниту еден сантиметар од предвиденото, со цел да не им го нарушат мирот и живеењето на соседите со кои се во добри односи.
Проблемите почнуваат во 2018, кога нивниот прв сосед добива одобрение за реконструкција и надградба, со што новата висина на објектот пред нивниот ќе биде 13.5 метри. Тоа значи целосно затварање на погледот кон езерото и дневната светлина, поради што и вложиле во нивниот имот.
- Инвестирав многу пари за да се направи куќата и прерасне во убав дом. По пензионирањето дојдобв во Охрид поради тоа што сите ми кажуваа дека е убаво. И навистина е убаво. Но, соочени сме со одредени опструкции во локалната власт. Сметам дека таму има многу корупција и поткуп, немам докази, но тоа се моите сомнежи и она што многу други луѓе ми го кажуваат. Вакво нешто во Англија не може да се случи. Секое градење е според строго пропишани правила и план и никако во штета на другите. Сега куќата всушност и не е за живеење, а и нејзината пазарна вредност ќе биде многу ниска. Причината поради која градев куќа во близина на езерото е убавиот поглед. Ако сакав да живеам во урбана џунгла, најверојатно ќе купев стан во центарот на Скопје, не во убавиот Охрид кој за жал се уништува поради корупција, вели Роу.
По издаденото одбрение за реконструкција и надградба, со жалби реагирале повеќе соседи. Нивните жалби или се одбиени како неосновани, а некои воопшто не добиле одговор. Се обратиле до локалната самоуправа, до државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, до општинскиот инспекторат, но како што велат, и покрај тоа што одбрението ниту е конечно, ниту е правосилно, соседот и понатаму гради.
- Станува збор за населба во една од најатрактивните зони покрај Охридското езеро, каде куќите се скалесто поставени со цел истите да имаат поглед на езерото. Ваквото издадено одобрение за надградба и реконструкција направи урбанистички хаос и голем револт кај сите жители на населбата. Да се одобри ваква градба претставува атак на целиот простор, грандиозно рушење на сите нормални замисливи стандарди за планирање на простор, со загрозување на приватната сопственост и јавниот интерес со грубо обезличување на просторот, проследено со ненадоместлива штета, вели Данчо Аврамоски, другиот сопственик на куќата.
Аврамоски, Роу и останатите соседи на посочениот објект бараат стопирање на градежните активности и повторно разгледување на издаденото одобрение со цел негова измена.
Т. Кувенџиска