Во организација на Амбасадата на Република Полска и Конзулатото на Република Полска во Охрид, вчера вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше отворена изложбата „Борба и страдање – Полските граѓани за време на Втората светска војна“.
На отворањето на изложбата се обрати Пиотр Висоцки, советник, вршител на должността амбасадор на Република Полска во земјата. Осврнувајќи се на историските моменти од 1 септември 1939 година кога со напад на нацистичка Германија врз Полска започна Втората светска војна, Висоцки посочи дека страдањата на народите и последиците кои ги предизвика оваа војна во наредните години, но и децении во кои светот беше поделен на блокови, не смеат да се заборават, но и дека треба да се извлече поука која ќе го води светот напред во иднината.
Оваа изложба ни ја раскажува приказната за битката на Полскиот народ против тоталитарниот режим, љубовта кон слободата и херојствата да се спасат другите, за храброста на војниците и обичните луѓе, за борбата за слобода на другите земји – се тоа заслужува сеќавање. Денес сеќавањето на трагичните настани од Втората светска војна обединува генерации кои изразуваат респект кон жртвите на нашите предци. – истакна Висоцки.
Обраќање на отворањето на изложбата имаше и заменик- градоначалникот на Општина Охрид Ристо Николески, инаку историчар по професија. Тој истакна дека оваа изложба е сеќавање за милионските жртви и уништените материјални добра во Втората светска војна. Ваквите моменти треба да се искористат да испратиме порака никогаш да не се повторат страдањата од Втората светска војна, конфликтите да се решаваат на мирен начин и на луѓето да им се овозможи да живеат во мир и меѓусебно почитување, рече Николески.
Во Втората светска војна учестувале 61 држава со околу две милијарди луѓе, околу 115 милиони луѓе биле мобилизирани, од кои, околу 60 милиони загинале. Треба да потсетиме дека ужасите на војната ги почувствува и нашата држава и во антифашистичката војна која даде свој придонес за завршување на оваа најстрашна трагедија на дваесеттиот век. Морничавите фотографии треба да не потсетат да им ја оддадеме должната почит на сите кои ги дадоа животите за победата над фашизмот и младите генерации постојано да ги потсетуваме да го прават тоа. Треба да ги потсетуваме дека за слободата во која живееме се леела крв и дека таа е скапо платена со човечки животи. – истакна заменик-градоначалникот Ристо Николески.
Изложбата, посветена на 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна, ја подготвија Министерството за надворешни работи на Република Полска и Музејот на Втората светска војна од Гдањск, Полска, а посетителите во Центарот за култура во Охрид ќе можат да ја видат до 10-ти септември.
OhridNews