Стоици илјади мали црвени ракови ги преплавиле плажите на југот на Калифорнија обојувајќи го песочниот брег во црвено, објавиле експертите. Топлите морски струи ги носат кон север и поблизу до брегот отколку што е вообичаено, па илјадници угинале на плажите, додека дел од нив морето ги повлекло назад живи. Според експертот за океанографија од Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, Линдзи Сала, такви појави и претходно се забележани и нема да ги доведат во опасност ваквиот вид ракови.

 

Вели дека тоа е дефинитивно показател за повисоките температури на водата. Сала предупредува дека тие ракови не се за јадење поради тоа што можеби конзумирале фитопланктон кој произведува токсини. Научниците откриле и досега најголемо цветање на алгите во Тихиот Океан од северниот дел на Калифорнија до државата Вашингтон, а Сала не можела да објасни дали овие два феномени се поврзани. Раковите се големи неколку сантиметри и личат на минијатурни јастози, а воглавно се хранат во горниот слој на океанот.