Денес, во стотици градови низ светот, во рамки на иницијативата “Часот на планетата Земја“ , ќе се исклучи  осветлувањето на еден час. Ваквата акција има за цел да го привлече вниманието кон борбата против глобалното затоплување.

Оваа година во акцијата ќе учествуваат повеќе од шест илјади градови од 134 држави, а е организирана од Светскиот фонд за природа.

Најпознатите споменици и згради во светот, како што се Операта во Сиднеј, Христос Спасителот во Рио де Женеиро, Емпајер стејт билдинг во Њујорк и Ајфеловата кула во Париз, ќе потонат во мрак во 20.30 часот по локално време.

“Часот на планетата Земја“ е глобален повик до поединците, компаниите и секоја општествена заедница да преземе одговорност и да се вклучи во акцијата за штедење на енергија и зачувување на енергетските ресурси, а со тоа и на заедничката иднина.

За “Часот на планетата Земја“ првото осветлување ќе биде исклучено во Фиџи, а потоа во Нов Зеланд.

Македонски Телеком и Т-Мобиле  и оваа година ќе се приклучат во глобалната акција за заштита на животната средина „Час за планетата земја“. Во рамките на акцијата, во периодот од 20:30 до 21:30 часот, вечерва, ќе биде исклучена електричната енергија во сите продавници и во административните згради на Македонски Телеком и Т-Мобиле. Во овој период, единствено нема да се исклучат уредите и светлата потребни за непречено одвивање на телекомуникацискиот сообраќај во државата.

OhridNews