Поради поплавите предизвикани од силните бури некои области на австралиската метропола Сиднеј денес евакуирани, а на брегот северно од Сиднеј измерен е бран висок 13 метри. Силниот ветар и обилните врнежи од саботата утрото го зафатија брегот на Сиднеј, поради што 500 луѓе биле принудени да ги напуштат домовите и да побараат засолниште, објави полицијата.

Службата за вонредни состојби примила повеќе од 5.500 повици за помош во сојузната држава Нов Јужен Велс, а властите извршиле 105 операции на спасување на жителите од поплавените области. Половината од спасените жители биле мотористи кои заглавиле на поплавените патишта. Сиднејските сообраќајни служби соопштија дека невремето предизвикало доцнења и откажувања на железничките и автобуските линии. Повеќе од 28.500 домови и деловни објекти останале без електрична енергија. Социјалните мрежи се преплавени со фотографии и видео снимки од плимата, разбранувано море, силен ветер, ерозија на почвата и поплавени улици на Сиднеј.

„Следните 12 до 24 часа на целиот брег се очекуваат силни дождови и разорен ветер. Тоа ќе предизвика нови поплави и возачите се предупредуваат на ризиците од возење во такви услови“, предупредија денес надлежните. Метеоролошката агенција објави дека во некои делови од предградијата на Сиднеј се измерени повеќе од 200 милиметри дожд, како и дека разорниот ветер дувал со брзина од 125 километри на час.

OhridNews
извор Макфакс