На вчерашната седница на Собранието на Република Македонија, посветена на пратенички прашања, пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски ,упати прашање до Министерот за култура Елизабета Канчевска Милевска по однос на изработката на специјализиран Закон за заштита на градот Охрид.
– Потребата од законот е евидентна и треба на подолг рок да ги реши проблемите на градот, истакна Николоски. Според него, Охрид урбанистички е во незавидна положба, и се соочува со урбано дивеење дури и во старото градско јадро, што, како што рече тој, е дозволено со соодветни урбанистички решенија од страна на Градоначалникот.
Од страна на Министерот за култура беше одговорено дека законот е веќе изработен и дека е доставен на мислење во соодветните комисии на Владата и за брзо се очекува да влезе во Собраниска процедура. Законот е работен во соработка со повеќе министерства, како и други институции кои се надлежни за заштита на културно историското наследство.
По влегувањето во Собраниска процедура се очекува да бидат одржани јавни расправи на кои своите ставови и мислење ќе можат да ги искажат и заинтересираните субјекти, експерти, здруженија на граѓани и сл. Со законот ќе бидат уредени следните прашања- идентификација на заштитна зона, граници на заштитните зони, контактни зони, режим на заштита и начин на управување со културно- историското наследство. Со законот се уредуваат три зони на заштита кои практично го опфаќаат најголем дел од градското јадро со акцент на старото градско јадро и неговата непосредна околина.-објаснија од Владата.
Николоски упати прашање до заменик претседателот на Владата Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во врска со давањето под концесија на автопатот од Гостивар до Струга и Охрид, како и довршувањето на обиколницата на Охрид- бул. Железничка. Беше одговорено дека за концесија на автопатиштата се заинтересирани 7 светски компании од оваа област. Од нив две веќе се квалификувале за понатамошната постапка. Се очекува понудите да бидат разгледани во првите три месеци на 2011 и доколку се оди по планот да почне градба која во просек трае 7 годни по што државата целосно треба да биде покриена со автопатишта вклучитеЛно и автопатот од Гостивар до Охрид и Струга. По однос на бул. Железничка беше истакнато дека работите се во завршна фаза и дека во следните неколку недели се очекува свечено отворање на булеварот.