Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) не се согласува со барањето на Сојузот на синдикати на Македонија за враќање на старото работно време на јавната администрација од 07:30 до 15:30 часот.
Како што се наведува во денешното соопштение објавено по повод иницијативата на ССМ за враќање на старото работно време, ССК ја поддржува Владата во нејзините напори за прилагодување на работното време кон европското, за кои оценува дека се само еден сегмент во процесот на прилагодување кон ЕУ.
Државните службеници треба да им бидат на услуга на даночните обврзници, а тоа е можно само ако работат во време кое го прифатила Европа. Доколку навистина вработените ја завршуваат работата до 13 часот и потоа седат безполезно, ССК смета дека Владата тогаш ќе треба да направи реорганизација и намалување на гломазната државна администрација, сметтат во ССК.
ССК оценува дека во однос на исхраната и оброците на вработените, како причина за враќање на старото работно време, не е аргумент бидејќи и новото работно време е осумчасовно, идентично со старото.