Компаниите самостојно да одлучат дали ќе „одмораат“ во недела или не, согласно динамиката и спецификата на нивната дејност. Да се најде посоодветно законско решение од актуелното кое многу фирми става во нерамноправна положба, зашто ќе се постигне спротивен ефект од оној што сакал да го постигне законодавецот, апелира денеска Стопанската комора.

Комората предупредува дека доколку не се најде соодветно решение околу „недела неработен ден“ и ако продолжи таксативното набројување на фирмите кои може да работат во недела, а од кое се изземени многу суштински дејности (како градежништвото и трговијата), можни се зголемувања на производните трошоци, затворање на капацитетите, намалување на конкурентноста и отпуштања.

Според Комората, потребна е флексибилност, а акцентот мора да се стави на инспекцискиот надзор и на доследното почитување на работничките права што вклучува и исплата на додаток за работа во недела.

Меѓу дејностите на кои моментно, со таксативното набројување во Законот, им е дозволено работење во недела, испуштени се суштинските, како градежништвото или трговијата (на големо и мало), кај кои е неопходен континуитет во работните процеси. Ваквите примери предупредуваат дека законското решение за „недела неработен ден“, наместо интенцијата на законодавецот, може да предизвика спротивен ефект – затворање на капацитетите и намалување на бројот работни места. Дополнително, не само што може да предизвика финансиски загуби, туку ќе претставува и ризик од хаварии, ризик по здравјето на вработените и безбедноста при работа, ќе предизвика намалување на конкурентноста на фирмите, поголема потрошувачка на енергија и зголемени производни трошоци, беше речено на прес-конференција.

Васко Ристовски од Комората посочи дека работата во недела како ден за одмор, за сите дејности треба да се регулира исклучиво со Законот за работни односи.

Ваквиот предлог од нашите членки од секторот трговија следуваат поради фактот што констатираат дека без никакви претходно утврдени критериуми се ставени во нееднаква правна положба (забрана да вршат дејност, обврска да плаќаат дополнителна јавна давачка, поголем додаток на плата), укажа Ристовски.

Комората предлага и да се преиспита начинот на кој е дефиниран износот на додатокот на плата за работа во недела зашто може да создаде дилеми при утврдувањето на износот.

Ако се постигне соодветно решение за „недела неработен ден“, Стопанската комора на 18 февруари, на денот на одбележувањето 100 години од своето постоење, ќе ја повлече Иницијативата доставена до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за измени и дополнување на Законот за работни односи, рече Даниела Михајловска од Комората.

OhridNews