Преку бројни едукативни материјали, презентации и забавни перформанси денес на Градскиот плоштад се потенцираше опасноста за Охридското Езеро и неговиот екосистем од евентуалното одржување на настанот Светско првенство во трка со чамци формула 1, Ф1 H2O чамци, најавено за јули на Охридското Езеро во Поградец, Албанија.

Драгана Карашова, еден од иницијаторите на СТОП Ф1 H2O вели се надеваат дека здружувањето како невладини организации ќе вроди со некаков плод со оглед на известувањето што го добиле од УНЕСКО, но и информациите на веб страната на организацијата Ф1 H2О според кои настанот е одложен за оваа локација уште пред месец дена иако претходно бил потврден.

Добивме известување од УНЕСКО дека ја примиле информацијата и ја дисперзирале до сите релевантни државни институции од двете страни на границата и дека тоа ќе биде една од темите на нивната следна мониторинг мисија. На веб страната на Ф1 H2O уште пред месец дена настанот се покажа како непотврден. Сеуште се во преговори и ќе видиме како тоа ќе се заврши. Се надевам дека ќе го преместат на некоја од морињата кои се соодветни за таков тип на настани, потенцира Карашова.

Истакнува дека немаат некои големи очекувања, но ова што се покажува е дека доколку се здружат особено од двете страни на границата, Македонија и Албанија, ќе може многу попозитивно да се делува и таму каде што треба за позитивни промени и развивање на оддржлив туризам наспроти развивањето на туризам кој ги експлоатира природните ресурси.

Будимир Соколовиќ, претседател на Едриличарска федерација на Македонија вели дека категорично се против одржување на Формула 1 на вода, бидејќи се коси со сите нивни заложби и принципи.

Едрилиците воопшто не го загадуваат езерото. За забрана на користење на моторни чамци не сме ние да бараме, наша заложба би била во догледно време бројот на моторни пловни објекти кој сега е 3000 наспроти околу 50 едрилици да се смени во корист на едрилиците. Да имаме што повеќе едрилици на езерото, а што помалку моторни пловни објекти. Нормално дека тие се потребни, ама сепак бројката да е помала. За ова да е возможно потребна е соодветна инфраструктура на езерото. Преку 20 години разговараме за марина, веќе како и да се подзаборави. Инфраструктурата е нужна за развој на едрилиците на езерото, потенцира Соколовиќ.

Трката со формули на вода на Охридско Езеро предизвика жестоки реакции во јавноста. Еколошките здруженија и институциите алармираа за закана за екосистемот и покренаа иницијатива за спречување на одржување на настанот. Ги повикаа институциите за спроведување на законот во двете земји да дадат приоритет на зачувувањето на природата. Препорачаа да се преиспита локацијата на настанот и да се истражат алтернативите, со цел да се спречи понатамошно оштетување на екосистемот на Охридското Езеро и да се зачува неговата природна убавина за идните генерации.

Инаку, целта на денешниот настан во рамките на одбележувањето на 22 март, Светскиот ден на водата, чиешто мото годинава е „Вода за мир“ во организација на Црвен крст Охрид и Центар за јавно здравје Охрид, со поддршка на бројни еколошки и спортски здруженија и организации од Охрид и Албанија, беше да се упати силна порака и апел до населението и надлежните во двете држави за одбегнување и спречување на настани и активности на Охридското Езеро и во блиската негова околина, кои се опасност за живиот свет и ја нарушуваат природната рамнотежа.

Н.С.Ј.