Заврши серијата без пораз на охридскиот ракометен состав во Супер лигата. „Гладијаторите“, во дерби средбата од првата рунда во пролетната полусезона претрпеа пораз 22-20 (12-10) на гостувањето кај тимот на Бутел Скопје. Ова беше прв пораз за охриѓани после 13 натпревари, инаку втор во регуларниот дел од македонската ракометна елита.

Играта во одбрана го имаше главниот збор во првото полувреме од натпреварот во спортската сала „Антон Димитрво“. „Сино-белите“ добро го отворија мечот и на почетокот имаа водство од еден гол во повеќе прилики.

Околу 15-та минута, домаќините го презедоа кормилото на натпреварот поведувајќи со 8-7. Од тој момент, ракометарите на Бутел Скопје не ја испуштија предноста, а со погодок во последниот напад обезбедија плус два (12-10) на одморот.

На стартот од вториот дел, составот на Бутел Скопје на повисоко ниво ја крена играта во одбрана. Охридскиот напад грешеше. На спротивната страна ракометарите во црни дресови погодуваа од контри за највисоки четири голови (16-12).

Избраниците на Раде Стојановиќ не се предадоа. Брзо се консолидираа и на најголемата негатива одговорија со жестока игра пред својот гол. До 42-та минута, Охрид ја анулираше предноста на домаќинот и стигна до егал 18-18. Потоа следуваше период од десеттина минути во кој двете екипи не постигнаа погодок. Свое шоу помеѓу стативите голманите на двете страни.

Во решавачките десет минути со гол позитива влезе домашниот состав. До 57-та минута резултато се менуваше, но предноста на Бутел Скопје остана. „Црните“ реализираа лесен погодок и максимално го искористија играчот повеќе во поле и се одлепија на 21-19. „Гладијаторите“ во завршните три минути не успеаја да се вратат во игра и да избегнат пораз. Конечниот резултат беше 22-20.

Во следната рунда на Охрид го очекува „Езерското“ дерби против тимот на Струга. Мечот се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ во 19 часот.

OhridNews