Пластичните ќеси ќе се забранат за употреба од 1 јануари идната година. Ваква наредба донесе Министерството за животна средина и просторно планирање. Несовесното одлагање на пластичните ќеси остава тешки последици врз животната средина велат од Министерството и додаваат дека на ваквиот вид отпад му се неопходни стотици години да се распадне, а доколку се гори, од него се ослободуваат канцерогени материи како резултат на хлорот што го содржи.
Со оваа практика што успешно се спроведува во европските земји, Министерот за екологија, Неџати Јакупи очекува да се зголеми свеста кај граѓаните и трговците, но и да се влијае врз производителите да произведуваат биоразградливи ќеси.
Трговците кои нема да ја почитуваат наредбата ќе бидат казнети со шест илјади евра. Исклучок се пластичните ќеси со носивост поголема од 5 килограми, за кои купувачите ќе мора да платат.
Доколку се почитуваа наредбата, загадувањето на Охридското Езеро со пластичниот отпад се очекува рапидно да се намали, со оглед на големото количество пластични ќеси што ги одлагаат несовесните граѓани на брегот, особено за време на туристичката сезона.
Ohridnews