“Мобинг на работното место” беше тема на меѓурегионалната средба на лидерите на основните синдикални организации  на СОНК што викендов се одржа во Охрид.

Осумдесетина синдикалци од Охрид, Ресен, Струга, Битола,Прилеп и Крушево, дебатираа за психичко малтретирање и вознемирување на вработените кое како, што беше оценето, постои одамна, но сега, со предложениот закон за мобинг се утврдуваат конкретните мерки на откривање, спречување и особено санкционирање за работодавците, директорите  и други кои вршат мобинг врз вработените на работното место.


На семинарот, информираат од СОНК,  беа презентирани дел од националните  проекти за мобинг, а беа разгледани и случаи на психолошко малтретирање и  дискриминација  во образовните и други културни и научни установи во Македонија. Според синдикатот,  со новиот закон за мобинг, кој  се очекува да се усвои наскоро, ќе се спречат многу неправди и психички вознемирувања кои уште се премолчуваат, што според СОНК доведува до бројни, несакани трауматични последици.


СОНК од Охрид упати повик до сите вработени кои се жртви на мобинг, храбро да се спротивстават и да ги посочат појавите на психичко вознемирување од страна на своите работодавци.

Ohridnews