Стоматолозите од општините Охрид, Вевчани и Дебарца кои се приватизираа по сила на Закон најавија дека ќе стапат во штрајк  доколку не се подобрат условите на концесионирање од кои тие се незадоволни.

Ваквата одлука, како што дознава ohridnews била донесена на состанокот на членовите на Здружението на стоматолозите од општините Охрид Вевчани и Дебрца, што се одржала на 26 октомври.

На состанокот стоматолозите од регионот, усвоиле повеќе заклучоци во кои се  изразува  огромна загриженост  за најавените измени   во Законот за здравствена заштита кои според нив  се непрафатливи како за  стоматолозите така и за пациентите.

Стоматолозите   се незадоволни  и од досегашните  договори со  Фондот за здравство. Поради тоа тие бараат потпишување на новите договори   со фондот по  досегашните услови ,  но со зголемена цена на капитациониот бод.  Охридските стоматолози бараат доследно почитување на  Законот врз основа  во кој беа   втурнати во процесот на приватизација  и сметаат  дека со предложениот нов закон   комплетно ќе се девалвира стоматолошката  здравствена заштита на пациентите , а во прашање ќе биде доведена и егзистенцијата на стоматолозите.
 
Стоматолозите  од општините Охрид, Вевчани и Дебрца, прашуваат кој ќе ги  плати веќе извршените  услуги на пациентите  и како во иднина тие ќе ги плаќаат  забните асистенти кои  претходно беа обврзани да ги превземат од  Здравствените домови. Тие исто така бараат да се намали  ДДВ-то  на стоматолошките материјали од 18 на 5 %.
 
Доколку  не се прифатат изнесените забелешки, Стоматолозите -концесионери со своите  матични пациенти   најавуваат дека ќе  излезат на  јавни протести.

Г. Момироски