Најмладите охриѓани денеска се радуваа и уживаа во бројните активности што во рамки на манифестацијата „За посреќно детство“, се одржаа во центарот на Охрид. Настанот го организараа општинската организација на Црвениот крст од Охрид и Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, во соработка со Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт.
Децата уживаа во разновидните спортско-рекреативни, здравствено-едукативни и културно-забавни содржини. Главната трка го означи стартот на оваа акција во која младите го покажаа својот спортски дух натпреварувајќи се во фудбал, баскет, бадминтон, тенис, хокеј на трева, пикадо, шах. прецизно возење велосипед, скокање со јаже, вртење хулахоп.
Најкреативните беа дел од ликовното катче на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, кој во соработка со ресторанот „Виа Игнациа“ од Вевчани за најмладите подготви богата „шведска маса“ со разновидни здрави прехрамбени производи и бројни награди.
Тимот на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ делеше совети за подобро дентално здравје и здрави навики кај децата кои внимателно ги слушаа препораките на лекарите и стручните лица.
За забавниот дел од програмата се погрижија распеаните „рибарчиња“. Свое катче на градскиот плоштад имаа и младите од Центарот за развивање на животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид, како и програмата Детски час за приказни на англиски јазик.
Наастанот ги привлече и највозрасните волонтери на Црвен крст Охрид кои ја спроведуваат програмата за грижа за стари лица. Тие го одбележаа 1-ви октомври, Меѓународниот ден на стари лица, со промоција на програмата и дружење со корисниците на програмата. И кај нив не изостана спортскиот дух, па се „пробаа“ во практикување на вештини од ЈОГА-СМЕА, нова програма која започнува да ја реализира Црвен крст Охрид.
Црвен крст Охрид изразува благодарност до сите кои ја помогнаа, поддржаа и учествуваа во реализација на оваа акција и информира дека учесничките броеви за акцијата по цена од 30 ден. кои учествуваат во голема наградна игра со преку 50 вредни награди, ќе бидат во продажба до 15 октомври. Извлекувањето на наградите ќе се изврши на 15.10.2016 (сабота) во 18 ч. на телевизија ТВМ.
Средствата собрани од хуманитарната спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ ќе бидат наменети за помош на децата со здравтсвени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца.
OhridNews