Западот треба да избегне преголема претпазливост при испораката на оружје за Украина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предупредувајќи на страшни последици доколку Русија победи во речиси едногодишната војна.

Некои се загрижени дека нашата поддршка за Украина претставува ризик кој може да предизвика ескалација, рече шефот на воената алијанса на панел дискусија за време на тридневната Минхенска безбедносна конференција.

Тој истакна дека најголемиот ризик од сите е ако Путин победи, бидејќи тоа ќе го направи светот поопасен, а Западот поранлив. -Тогаш пораката до него и до другите авторитарни лидери ќе биде дека можат да употребат сила за да го добијат она што го сакаат, додаде тој.

Затоа сојузниците на Украина мора да ѝ го дадат она што и треба за да победи и да преовлада како суверена независна нација во Европа, рече тој, нагласувајќи ја својата претпазливост: „Да бидам јасен, нема опции без ризик“.

Столтенберг ја наведе Кина како конкретен пример за потребата од одвраќање, велејќи дека внимателно го следи исходот на војната: „Ако Путин победи во Украина, тоа ќе влијае на одлуките и калкулациите што Пекинг ги прави во нивниот дел од светот. Значи, се работи за нашата глобална безбедност“.

Шефот на НАТО не посочи дека неговите забелешки биле насочени кон конкретни западни лидери. Во моментов, главната дискусија е дали испораката на западни борбени авиони во Украина може да претставува неразумен ризик од ескалација.

Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц, меѓу другите, досега го отфрлија таквиот чекор. Сепак, земјите, вклучувајќи ги Британија и Полска се отворени за тој потег, пренесува ДПА.

OhridNews