На последната седница на Советот, владеачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, без да ја консултира јавноста, донесе две штетни одлуки за граѓаните на Охрид, рече на денешната прес конференција на советниците од СДСМ, координаторот на советничката група , Јован Стојаноски.

– Зад одлуката за изградба на така наречената мала марина се крие бизнис интересот на лица блиски до власта. Не станува збор за вистинска марина туку за угостителски објект – кафеана на среде езеро, на најатрактивното место во Охрид, со уредување на паркинг простор за 20 тина пловни објекти. Планот на ВМРО-ДПМНЕ е преку Јавно приватно партнерство овој објект да го добијат луѓе блиски на власта. ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се грижи за граѓаните. Знаејќи дека граѓаните се противат на ова раскрчмување на јавниот имот локалната власт не ги прашаа што мислат за изградбата на т.н. мала марина, изјави Стојаноски.
 
Тој додаде дека истото се однесува и за одлуката за усвојување на План за градење во населбата Лагадин.
 
– Овој План пред се отвора терен за изградба на претходно најавената Медитеранска плажа, во езерото, против која категорично се сите мештани од оваа населба, за што граѓаните доставија и петиција до Локалната самоуправа. Очигледно ВМРО-ДПМНЕ упорно ја игнорира оваа граѓанска петиција за да ги заштити своите бизнис интереси. Ниту експертите не се консултирани. Затоа што изградбата на какви било бетонски објекти во езерото би ја нарушила универзалната вредност на езерото и живиот свет во него и од аспект на УНЕСКО и од аспект на заштитена средина, рече Стојаноски.
 
Како што рече Стојаноски, градоначалникот Бакрачески и ВМРО ДПМНЕ покажале дека работат водејќи се само од личните бизнис интереси и во корист на личности блиски до власта и дека раскрчмувањето и распродавање на општинскиот имот мора веднаш да престане.

 
OhridNews