Општинската организација на СДСМ од Охрид денес одржа прес конференција на која се зборуваше за дел од најавените и неостварени проекти на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ со години ја манипулира охридската и македонска јавност за низа лажни и неостварени ветувања, проекти кои секогаш се наведени дека ќе се реализираат во иднина, а никогаш ниту се реализирале ниту се отпочнало со нивно остварување. Еден од многуте нереализирани проекти е Откупно-дистрибутивниот центар со ладилник во село Лакочереј, предизборно ветување од 2013 година, наведен и во програмата на актуелниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Бакрачески, рече Јован Стојаноски координатор на советничката група на СДСМ во Советот на општина Охрид.

Тој истакна дека според најавите, откупно-дистрибутивниот центар требало да биде реализиран до 2014 година, со средства од општинскиот буџет или преку јавно приватно партнерство.

-За жал, општинската власт на ВМРО-ДПМНЕ иако вети не презеде ништо да им помогне на граѓаните и земјоделците коишто секојдневно и макотрпно работат, а не можат достоинствено да заработат. Дополнително, не само што власта ги остави земјоделците сами на себе, без никаква помош во откупот и пласманот на нивните производи, туку се уште им ги нема исплатено ниту парите од ланскиот откуп на јаболката. Граѓаните и земјоделците воопшто и не можат да очекуваат реализација на важен инвестиционен проект, од оние коишто половина година не се способни две улици да асфалтираат во нашиот град, нагласи Стојаноски.

Тој додаде дека токму поради ова потребни се промени на овој лажен популизам на ВМРО-ДПМНЕ кој не ги решава проблемите туку ги продлабочува.

OhridNews