Охридската публика е феноменална. Колегите од другите театри ни завидуваат што картите за нашите претстави неколку дена пред изведбата се веќе распродадени, вели раководителот на охридскиот Народен театар, Горан Стојаноски. Според првиот човек на театарот, тоа е доказ дека охридската публика е сладокусец, воедно и критичар на работата на театарот.
– Можам да кажам дека меѓу 3000 и 4000 публика континуирано го следи развојот на театарот и тоа е една кохезија меѓу пубиката и театарот, така да ние постојано размислуваме што следно да понудиме. Основна цел ни е публиката да е задоволна од она што ние го презентираме, вели Стојаноски.
Што се однесува на вкусовите на публиката во однос на жанрот на претставите, Стојаноски потенцира дека тие се различни, но добро е тоа што карта повеќе се бара независно каква тематика обработува претставата.
– Публиката која сака да гледа класичен материјал како што е Шекспир, Горки, Чехов не смееме да ја запоставиме,туку да сме театар со широк дијапазон . Тука се гледа профилот на актерот колку е вреден како актер. Комедијата е добра ,она што ние го дефинираме како комедија тоа е жанр во театарот. Тоа не е упропастување на текст, емоции, не е на ниско ниво, за разлика од оние одредени форми кои се појавуваат во Македонија и пошироко и ги дефинираат како комедија, а се „ тезги“ и немаат врска со театар. Некогаш некои работи екстремно се вулгаризираат, што не е во ред и тоа не е уметност. Нашите комедии се од писатели, кои седнале и го напишале текстот, комедија која има висока вредност како дело, потенцира Стојаноски.
Тој додава дека охридскиот театар по најновите вработувања е комплетиран во однос на кадарот. Во него работаат 12 актери, двајца драматурзи и двајца режисери.
– Потегот на вработување на режисер и драматург е феноменален, бидејќи со тоа имаме матични режисери кои можат да помоагаат многу и секој си ја брка својата работа. Продкуцијата е многу јасна, брза и тоа значи поголем број настани во самата куќа и поголем избор на претстави за публиката, вели Стојаноски.
Во текот на наредниот период охридската публика ќе има можност да проследи неколку премиери. Во првата половина на април премиерно ќе биде изведена претставата „ Вечера со глупаци“ , а кон средината на мај следува соработката со режисерката Нела Витошевиќ . За во летниот период се најавува авторскиот проект на Горан Трајкоски „ Приказна за последниот охридски архиепископ“, а на почетокот на есента претстава работена според текст на Булгаков во режија на Драгана Танеска.
– Со тоа театарот, од септември или октомври,ќе има седум до осум претстави на репертоарот, односно доволен број претстави за да се задоволат сите вкусови и репертоарот да има континуитет од секаков жанровски аспект, потенцира Стојаноски.
Со низа активности охридскиот театар денес го одбележува 27- ми март, Светскиот ден на театарот, востановен во 1962 година, што се одбележува во стотина земји од националните театарски институти. Секоја година истакната личност од театарот пишува меѓународна порака во име на Интернационалниот театарски институтот, што УНЕСКО го формирал во 1948 година. Таа се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред почетокот на претставите во театрите низ светот. Македонскиот театарски институт се придружи на одбележувањето во 1997 година и оттогаш и личност од областа на театарот во Македонија пишува национална порака, која заедно со светската се чита на денот на театарот.
Т.К.