Од општинската СДСМ го повторуваат својот став дека власта на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакарачески за две и пол години не успеале да реализираат ниту еден значаен развоен проект во Охрид, односно приоритетните капитални инвестиции, што им беа ветени на граѓаните.

– Не ќе да е само во прашање нивната неспособност, нестручност и неподготвеност на граѓаните да им се решат приоритетните проблеми. Веројатно голем удел во тоа има расипничко трошење народни пари од страна на нивната врхушка и премиерот во заминување Никола Груевски. На седницата на Советот на општина Охрид, на многу нетранспарентен начин советниците на ВМРО-ДПМНЕ изгласаа и расипнички ребаланс на Буџетот. Од проектираните зголемени 67 милиони денари во Буџетот, тие наместо за капитални и развојни инвестиции, најголемиот дел од 36-те милиони денари, пари на граѓаните, проектирале да бидат потрошени за реконструкција на градскиот кеј Македонија. Прво, ниту знаат од каде ќе имаат зголемени приходи, а ниту имаат проект како ќе изгледа кејот и како дошле до бројката од 36 милиони денари. Во Охрид очигледно на повидок е уште еден проект на трошење пари за чоколадо, што би рекол Ставрески, во услови кога градот едвај кубури со средства за елементарен опстанок, рече на денешната прес конференција координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
 
Тој додаде дека наместо за таа цел, овие пари би можело да се употребат за амортизираниот и застарен возен парк на Комуналец, чијашто вкупна вредност на сите машини, камиони, багери и останати возила е во износ од околу 600.000 илјади денари или да се подобри инфраструктурата во градот , да се модернизира начинот на наплата на паркинзите  и за стриктно и доследно спроведување на режимот на сообраќај.
 
– Бакрачески и неговиот ментор Груевски треба да им одговорат на граѓаните на Охрид дали скапиот кеј во градот, е со цел народните пари да завршат во нивни џебови по примерот на Скопје 2014. Граѓаните имаат многу други, приоритетни, потреби. Затоа се потребни промени за реален, домакински и долгорочен развој на Охрид. Охрид повторно да се врати во атрактивен град за живеење, наместо да има највисока стапка на иселувањето во државата, рече Стојаноски.

OhridNews