Пред мене и пред нас стои најчесната мисија од сите, да создадеме општина во која сите граѓани ќе бидат еднакви. Охрид е космополитски град и во тој дух, а и во духот на социјалдемократијата, нашата цел е да работиме на создавање на можности за сите граѓани, рече на денешната прес конференција што ја одржа кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Јован Стојаноски.
Стојаноски истакна дека, доколку ја добие довербата на граѓаните, еден од основните приоритети на новата локална власт ќе биде образованието.
– Повеќе од дваесет години работам во образованието, и верувајте разбирам што значи грижата за идните поколенија, што значи влогот во подобро образование, подобра иднина за сите. Имам две деца кои сакам да израснат овде, кои сакам да се образоваат овде, да работат овде. Затоа сум тука, но не само за моите, туку и за вашите деца. Имам визија каков Охрид треба да создадеме, но ќе ми треба вашата помош за тоа, рече Стојаноски.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ додаде дека заложбите ќе бидат насочени и кон тоа да се создаде отворена и услужна општина за сите.
– Секој граѓанин ќе може да се обрати до општината и навремено да ја добие својата услуга. Ја враќаме моќта и самостојноста на месните и урбаните заедници кои со зајакнат правен статус ќе помогнат тие максимално да бидат во служба на граѓаните. Во соработка со Владата на Република Македонија обезбедуваме помош за малите и средни претпријатија, а со тоа и нови вработувања и нови можности за младите, изјави Стојаноски.
Потенцира дека целта е и да се создаде инфраструктура за сите, што ќе се постигне преку: нудење на нови решенија во водоснабдувањето, санација и доизградба на колекторскиот систем, изградба на фабрика за отпад, услови за достоинствена старост, како и гасификација на Охрид.