Одлуката за одржување на осветлувањето во општина Охрид преку Јавно приватно партнерство, значи откажување на приходи во буџетот на општината во наредните години и тоа во износ од над 5 милиони евра, сметаат од општинската СДСМ. Како што рече на денешната прес- конференција координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски, градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ наместо да ги внесат овие средства во градскиот буџет, тие “великодушно” ги отстапуваат на приватна компанија од Чешка.

– Аргументите за исплатливоста на инвестицијата во јавното осветлување се прикажани во Физибилити студијата која беше изготвена и тие се достапни за граѓаните.Студијата, јасно покажува дека вкупната инвестиција изнесува само 3.5 милиони евра, а за време на 15 години,период колку што е договорот за јавно приватно партнерство, приватниот партнер ќе ги врати вложените средства и ќе заработи над 5 милиони евра. Зошто ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески не обезбедија средства самата општина да ја реализира оваа инвестиција, која за брзо време ќе врати дополнителни средства во општинскиот буџет?, праша Стојаноски.

Тој побара одговор и на прашањето- зошто во ситуација кога се намалуваат приходите, локалната власт се откажува од овие значајни средства?

– Станува збор за сериозни суми на пари кои значително можат да придонесат за развој на нашата општина и за реализација на многу комунални проекти значајни за граѓаните на Охрид, рече Стојаноски.

Стојаноски праша дали причината за оваа, како што рече, економски нелогична зделка, е што зад наводниот инвеститор од Чешка Република, всушност стои македонски државјанин близок до локалната власт и ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews