Со култната претставата „Жаба“ во изведба на Камерниот театар 55 од Сараево, синоќа на сцената во предворјето на црквата Св. Софија, започна драмскиот дел од фестивалот „Охридско лето“.

Претставата работена според текст на Дубравко Михановиќ, во режија на Елмир Јукиќ која има доживеано над 200 изведби, ја одушеви фестивалската публика во Охрид, коja со стоечки овации ги награди актерите за одличната изведба.

Претстaвата „Жаба“ е психолошка драма која се занимава со случувањата во едно постранзициско општество, актуелна тема во сите делови на поранешна Југославија. Приказната се случува во повоено Сараево и ги следи проблемите на четворица луѓе, кои всушност се проблеми на сите нормални луѓе кои живеат во еден уништен свет. 

Фестивалот Охридско лето денеска (недела), продолжува со балетот „Триптих Нушиќ“ во изведба на Транзишн Денс Компани, Србија. Балетската претстава ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20.30 часот.

OhridNews
фото: Анамарија Момироска