Со стоечки овации и повеќе бисови, публиката на „Охридско лето“ го награди рускиот пијанист Николај Лугански, кој синоќа одржа концерт во црквата „Света Софија“.
Пијано-виртуозот со исклучителна префинетост и чувствителност во неговото музицирање го задржа вниманието на бројните посетители повеќе од два часа. Внатрешноста на црквата беше исполнета до последно место. Николај Лугански кој по завршувањето концертот изјави дека не жали што по четврти пат настапува црквата „Света Софија“.
– Во Охрид секогаш настапувам со големо задоволство. Тука настапувам веќе четврти пат. Малку е жешко и средината на летото повеќе е за одмор отколку за свирење концерти, но сепак ова е мистериозно место и секогаш би сакал да го посетам. Многу сум и благодарен на публиката која многу внимателно ја слушаше денешната програма што воопшто не е лесна за следење, ниту Шуберт, ниту Чајковски-сонатата, рече Лугански.
Пијано-концертот на Лугански со огромно внимание го следеше и неговиот колега, рускиот виолончелист Александар Книажев но овојпат како дел од публиката. Книажев завчера одржа концерт на „Охридско лето“ заедно со пијанистот Андреј Коробеиников.
OhridNews