Бура од емоции и неколкуминутни стоечки аплаузи предизвика претставата „Хотел ни на небо ни на земја“ на Народен театар Охрид, во режија на  извонредниот Љупчо Ѓоргиевски, што премиерно беше изведена синоќа на малата сцена при Центарот за култура „Григор Прличев“.

Ѓоргиевски за прв пат режира претстава во Охридскиот театар, за кој има пофални зборови.

Од самиот процес на работа сум многу задоволен. Се откривавме едни со други, изградивме навистина еден заеднички јазик и претставата е резултат на таа соработка и тој заеднички јазик. Имајќи ги предвид првите реакции од публиката можеме да бидеме задоволни од резултатот. Денес е многу тешко да се најде материјал кој ќе функционира со широка публика, а истовремено ќе има и некаква длабока мисловна порака, да не биде тоа на ниво на скеч или играрија. Јас се трудев да најдам материјал кој ќе ги задоволи тие потреби и мислам дека „Хотел ни на небо, ни на земја“ беше навистина таков материјал со кој можевме да влеземе во една таква авантура за да биде претставата едновремено гледлива и да носи други уметнички вредности. – изјави за OhridNews битолскиот режисер Ѓоргиевски.

 Љупчо Ѓоргиевски – режисер

Во претставата играат: Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Ирена Илиевска, Елизабета Стефановска и младите Стефан Николиќ и Мила Коруновска.

Фото: А. Момироска

Во моќната изведба на претставата „Хотел ни на небо ни на земја“ публиката имаше можност да ги види актерите на Народниот театар од Охрид во едно поинакво издание, што несомнено го потврдува квалитеот и потенцијалот на овој млад ансамбл. Актерот Никола Тодороски изрази благодарност до наградуваниот режисерот Ѓоргиевски, кој, како што рече, го вложил во претставата целото свое огромно искуство, што можеже да се почувствува на сцената.

Се чувствував доста сигурно во негови раце и бев подготвен да одам таму каде што тој не насочуваше. Резултатот каков е ќе си каже публиката, но од актерска гледна точка можам да кажам дека текстот е извонреден, богат со повеќе театарски зачини и тешко може да се дефинира жанровски дали е комедија или драма, затоа што има елементи и од едното и од другото, што е одлично за театар како нашиот. Ни фалат вакви претстави, публиката секогаш сака да се релаксира и да се смее, меѓутоа добро е да отвориме и некои подзаборавени прашања кои тлеат во нас, а нема кој да ни ги постави. Гледам по лицата од публиката на излегување дека им значи оваа претстава и се чувствуваат задоволно, а и ние секако како ансамбл. – истакна актерот Никола Тодороски.

Никола Тодороски – актер

Адријана Билаловиќ Тодороска вели дека и самата не била доволно свесна колку претставата е добра и допира до публиката се додека таа не била изведена пред публика. Оваа емоционална претстава воедно е и оптимистична бидејќи раѓа надеж на крајот кај гледачот, вели таа.

Знаев дека текстот е феноменален и опфаќа повеќе теми за коишто човекот од памтивек се прашува, за животот и смртта, за бог, каде одиме, зошто сме тука во ова ограничено тело, во ова ограничено време и интелигенција којашто ни е дадена. Претставата ги бранува емоционално луѓето бидејќи ги има сите елементи, има многу тенок и прекрасен хумор којшто не смее да се претера, актерите на почетокот се смеат, но подоцна претставата почнува да буди огромна тага, за да заврши со надеж. – вели Билаловиќ Тодороска.

Адријана Билаловиќ Тодороска – актерка

Се работи за еден многу интересен и податлив текст од автор кој има сериозен бекграунд во филозофски, па би рекол и теолошки води, вели актерот Стрезо Стаматовски.

Имавме одличен процес со исклучителен режисер со големо искуство, впрочем тој е еден од најискусните кој режирал во Народен театар Охрид. За жал ги има се помалку такви. Тој е задоволен од актерската екипа на Охридскиот театар и можам да најавам дека ќе работиме уште една претстава со него следната година, доколку се помине како што треба. Љупчо Ѓоргиевски е потреба за театрите, бидејќи тој ги враќа глумците кон основите на театарската игра, оти ние со текот на кариерата забораваме од каде сме дошле. Ги влечеше конците малку наназад да се погледнеме од внатре, а и самиот текст го овозможи тоа. – рече Стаматовски.

Стрезо Стаматовски – актер

Со актерите од Охридскиот народен театар за прв пат настапи и актерката Ирена Илиевска, која, како и целокупната актерска екипа, на извонреден начин ја донесе улогата.

Ако можеме да ја ставиме оваа претстава во некаков жанр, најверојатно тоа би било трагикомедија. Многу ни е драго што и публиката така реагираше. Буквално ја пратиме публиката како наш член додека играме, почувствував дека се забавува, меѓутоа и на оние точни моменти каде требаше целата ситуација да стане сериозна многу убаво не пратеше. Јас до сега не сум поминала ваков процес, толку мирен, со толку добра комуникација и помеѓу целата екипа и комуникација режисер-актер. За тоа 90% е одговорен режисерот Ѓорѓиевски, но и ние актерите за сето да изгледа вака на крај. Мислам дека сите уживавме. – изјави актерката Илиевска.

Ирена Илиевска – актерка

Новата претстава „Хотел ни на небо, ни на земја“ ќе биде на репертоарот на Народниот театар Охрид во текот на месец декември.

Г.М.
Фото: А. Момироска