Охридскиот народен театар расте и созрева. Тоа најдобро го покажа претставата „Метод“ од Жорди Галсеран, а во режија на Ирена Стеријовска, која синоќа беше премиерно изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Овој интензивен трилер со брзи заплети, кој човекот го претставува како жртва на модерното време, не остави рамнодушен никого. Претставата во која четворица кандидати се „борат“ за местото на вториот човек во голема интернационална компанија се гледа во еден здив, а за изведбата актерите: Стрезо Стаматовски, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска и Јаков Спасов беа наградени со стоечки аплаузи.
Охридскиот народен театар подготвува уште една премиера, која според најавите ќе биде прикажана пред Нова година.
фото: Анамарија Момироска