Народниот театар Охрид – НОТ синоќа премиерно ја изведе претставата „БААЛ“ работена по дело на Бертолд Брехт, а во режија на Андреј Цветановски. За моќната изведба, актерите на НОТ беа наградени со долги стоечки аплаузи, што според режисерот Цветаноски е најдобар показател за успешноста на претставата.

-Имаше одлични реакции и мислам дека и одлично помина претставата која на некој начин му фалеше на Народниот театар Охрид. Сметам дека оваа сериозна, моќна претстава може да биде репер на каде треба да движи НОТ и како егземплар верувам ќе се игра низ Македонија но и пошироко. – изјави за OhridNews по завршувањето на премиерата режисерот Цветановски.

Претставата е исполнета со силни емоции и морални дилеми кои ги отвора главниот лик Баал (Горан Стојановски), кој е своевиден општествен антихерој. 

-Името Баал претставува пандан на Дионис. Практично тоа е енергетска вредност која треба да ја поседува секој човек во смисла на коректор на општеството. Луѓето мора да живеат, да бидат отворени, среќни, не со други средства, туку суштински да се чувствуваат себеси. Баал е антихерој затоа што не е лицемер, не е дел од клубот на лицемери, тој е испревртениот човек кој всушност е вистинскиот исправен. – вели актерот Горан Стојановски.

-Баал антијунакот, ривалот, оној кој што мора да биде сеприсутен и мора да имаме еден Баал во било кое општество и уредување во секое време, затоа што ако го немаме бадијала ни е општеството. Бунтовноста која извира од Баал се надевам дека публиката ја сфати и ја восприми онака како што режисерот ја постави претсавата на сцената на Народниот театар во Охрид. – истакна актерот и директор на Центарот за култура „Григор Прличев“ Стрезо Стаматовски.

Актерите на НОТ претставата „БААЛ“ ја подготвуваа интензивно изминатите неколку месеци, а одличната актерска енергија можеше силно да се почувствува на сцената.

 Процесот траеше околу два месеци. Оваа претстава е малку поинаква од она што публиката е навикната да го гледа. Ова е второ дело на Брехт што го работиме по претставата „Малограѓанска свадба“. Интересно беше, со големи предизвици, но за гледачите да го почувствуваат она што го нуди претставата треба да ја видат. -истакна актерот Никола Тодороски.

Со премиерата на претставата „БААЛ“ се спушта завесата во НОТ во 2017 година. Оваа претстава ќе биде ставена на редовниот репертоар на театарот во јануари.

Г.Момироски