Атлетскиот клуб Охрид се закити со осум одличја на Сениорското првенство на Македонија кое се одржа викендов на арената „Тодор Проевски“ во Скопје. Шест од осумте медали беа со златен сјај, додека останатите два се сребрени, што го направи охридскиот клуб еден од поуспешните.
Најуспешен атлетичар од охридските беше Јован Стојоски, кој триумфираше на 100 метри, 200 метри и 400 метри. На најбрзата спринтерска дисциплина Стојоски оствари време (10,8), на 200 метри финишираше за (21,52), а на 400 метри победи со (47,45).
Марија Јовановска освои златен и сребрен медал. Охриѓанката победи на 100 метри со време (12,7), а на 200 метри заврши на втората позиција (26,95). Во скок во далечина Блаже Љушев оствари најдобар резултат скокајќи 6,07 метри, а Стефан Стефаноски беше најдобар во фрлање диск со резултат 40,35-метри. Мартина Мироска скок во далечина заврши на втората позиција со скокнати 5,14 метри.
Сениорското првенство на Македонија беше со изворен карактер за претстојното Европско Тимско првенство (3та лига) кое ќе се одржи во нашата земја.
OhridNews