Познато е дека буџетите на тимовите во Формула 1 често се повисоки од буџетите на некои земји во светот, но касата на тимот Мекларен-Мерцедес ќе биде навистина „испразнета“. Светскиот совет за мотоспорт ја казни оваа екипа со одземање на сите досега освоени бодови во шампионатот како и со неверојатни 100 милиони долари парична казна заради индустриска шпионажа односно недозволено користење тајни технички податоци од нивните најлути конкуренти – Ферари.

Бодовите се одземени само на тимот. Возачите се „извлекоа“ што значи на 4 трки пред крај на првенството Хамилтон и натаму води со 92 бодови пред актуелниот првак Алонсо со 89 бодови. Сепак во Мекларен можат да бидат среќни поради оваа казна бидејќи вчера попладне проструиле гласини дека тимот ќе биде суспендиран комплетно оваа, но и следната сезона. Доказниот материјал против Мекларен бил дури на 166 страници.

Можно е челниците на оваа британско-германска фирма да наседнале наивно и глупаво. Најџел Степни, екс-технички менаџер во Ферари  украл документи од тимот од Маранело, ги дал на копирање , а дуќанот за фотокопирање ги пласирал во јавност. Инаку копии од доверливите технички податоци на Ферари завршија во рацете на инженер од Мекларен кој негира дека ги употребил во развојот на новиот болид на британскиот тим.

С.К.