Во земјава денеска се одбележуваат 150 години од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите. 150 годишнината ќе ја одбележат заеднички Македонија и Бугарија. Во рамки на чествувањата бугарска делегација на централната свеченост во црквата Св. Спас ќе положи цвеќе заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Македонската Влада ќе има своја делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски на положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
Во состав на бугарската делегација, како што потврдија за МИА од бугарското МНР, ќе бидат и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова и претседателот на парламентарната комисија за култура Тошко Јорданов.
Прес-службата на бугарската Влада, пак, вчера соопшти дека премиерот на Бугарија Кирил Петков денеска ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава.
Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
OhridNews