На свеченост што се одржа на Плаошник, Факултетот за туризам и угостителство ФТУ – Охрид им ги врачи дипломите на 150 високо образовани млади.
-За разлика од минатото, денеска 75 до 80 проценти од запишаните студенти го завршуваат високото образование на нашиот факултет, истакна деканот на ФТУ Охрид, Софронија Миладиноски. Тој смета дека со стекнатото знаење на ФТУ Охрид, на дипломираните студенти им се отвараат вратите за идно запослување. Миладиноски посочи дека и натаму останува проблемот со дипломираните студенти по царина, за кои како што кажа, државата не покажува доволен интерес.
Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и натаму останува меѓу водечките високо образовни инстутуции во Македонија, за што говори нагласениот интерес на младите за запишување на овој факултет. Деканот Миладиноски истакна дека расте и бројот на странските студенти, што само го потврдува реномето на ФТУ Охрид.
Наскоро треба да биде објавен конкурсот за упис на нови студенти за академската 2009/10, кој најверојатно ќе доцни поради усогласување на програмите факултетите со државата.